sinisa pekevskifinalДневник, 12.02.2012

Во овие сибирско студени денови, кога не ти се излегува воопшто од дома, а мораш, имав идеја да пишувам за НЕспособноста на нашите менаџери, директори, раководители и нивниот начин на НЕработа, но тоа ќе го оставам за следната колумна и сега ќе пишувам за нешто што сите го знаат, а всушност многу малку знаат.

Нема да пишувам за политика, туку ќе пишува за нешто што посебно го сакам и што навистина ми лежи, за брендови. Зошто сакам да пишувам за брендови, па затоа што погледнете само во рекламите и на етикетите на компаниите, огромен дел од нив ставаат некаков знак или велат дека се брендови, супербрендови, најбрендови или во самата реклама зборуваат дека се тоа. Дали е тоа навистина така, дали тие се навистина брендови и дали знаеме што всушност значи бренд.

СПОРЕД истражувањето на агенцијата Ипсос направено во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина во топ 30 бренда нема ни еден македонски бренд. Во Србија прворангираниот бренд е интернационален, додека во Хрватска прворангиран е локален бренд кој е застапен на сите пазари на просторите на поранешна Југославија и кој високо котиран во истражувањата во Србија и БиХ. Дури и компанијата која го произведува тој бренд, е застапена со 8 бренда на таа листа во Хрватска, Србија и БиХ. За да нема недоразбирања и да не испадне дека сум тенденциозен, ова истражување е направено во втората половина на 2011 година. Е сега доаѓаме до она круцијалното прашање, дали постојат македонски брендови и зошто ги нема на тие листи? Јас велам немаме македонски брендови, се бројат на прсти, а тие кои ги имаме се во залез, имаме брендови кои се во стагнација, има можности да станат брендови, но немаме бренд во вистинска смисла на зборот и атрибутите кои тој ги носи.

ВЕРУВАМ дека само мал дел ќе се сложите со мене, но огромен дел нема да се сложите и од различни причинии ќе кажете дека имаме и ќе почнете да ги набројувате. Да не заморувам со дефиниции и толкувања што е тоа бренд, кратко ќе кажам дека бренд е нешто што е високо котирано во нашата свест, прво ни паѓа на памет кога зборуваме за некој производ, има квалитети кои нас не исполнуваат и кои континуирано ги исполнуваат, постојано се надоградува и ни дава дополнителен бенефит, континуирано нудат иновации, има добри реклами, социјално е одговорен, постојано се поврзува во позитивен контекст, има неверојатна приказна зад себе, има вредности кои потрошувачите ги ценат, вработените се задоволни и итн. Па сега мало прашање, колку од овие работи ги препознавате и ги гледате во македонските компании или производи. Без да наведувам имиња, а се декларираат како брендови, колку од нив снимаат нови реклами, колку од нив нудат различни етикети, различни амбалажи, нудат дополнителни бенефити, инвестираат во нови технологии, иновираат, бараат и нудат нови начини на промоција, ги има на странските пазари, луѓето ги сакаат. Погледнете ги нивните рекламите на ТВ, колку од нив се со стандарди, кога се снимени, колку од нив навистина го даваат она што го нудат, мене нешто не ми изгледа така.

ЗА ДА СТАНЕШ бренд потребно е време, а тоа не се станува за 1,2 или 3 години, и кога ќе станеш бренд не значи дека тоа останува засекогаш, тој треба да се одржува. Kако дополнување на моето тврдење која го поткрепува тоа, само 5 отсто од македонските компании извезуваат, но огромен дел од тој процент извезуваат суровини, рефус-производи, полуфабрикати. Па сега вие сами заклучете имаме ли брендови.

Синиша Пекевски
(Авторот е консултант)

Медија

Ohrid.