Дневник, 29.07.2012
Македонските компании с` уште во недоволна мера користат услуги од стручни надворешни лица бидејќи сопствениците мислат дека можат с` да направат сами. Тоа е последица на македонскиот менталитет дека знаеме с`, дека нема работа за која не н` бидува, без разлика дали станува збор за производство, маркетинг или финансии. Ова го вели Синиша Пекевски, консултант за претприемаштво, со кој разговаравме за тоа колку нашите компании се подготвени за пазарен натпревар.
- Македонските сопственици на компании како да патат од синдром дека мора с` да знаат и мора с` да контролираат. Најлошото е што во континуитет се жалат и не успеваат да се снајдат во услови на пазарна економија. Мислам дека економската криза ја користат за да ги скријат неспособноста и недостигот на знаење за менаџирање на сопствените компании, независно од нивната големина или дејност. Она што може да го заклучам е дека нашите компании во континуитет се жалат и бараат помош од државата, без разлика дали е тоа за намалување на царини, да им овозможи промоција или да добијат многу евтини кредити наместо да застанат и да погледнат што може самите да направат.
Kои се последиците од непочитувањето на пазарните законитости?
- Менаџерот не може да биде најдобар во с`. Може во една работа да биде одличен, но не во десет. Затоа постојат специјализирани фирми и консултанти кои може да ги понудат своето знаење и експертиза. Пред некое време прочитав дека искористеноста на ИПА-фондовите е само 7 отсто. Менаџерите често се жалат дека не можат да дојдат до пари за инвестиции, а овие средства лежат неискористени. Но, за да ги добијат, треба да напишат добар проект, а тоа не знаат сами да го направат. Затоа, подобро е да се обратат на луѓе што тоа го умеат.
Дали може да помогнат коморските здруженија или државата?
- Секојдневно гледаме дека стопанските комори не ги користат како сервис на услуги од кој може да извлечат некој бенефит. Наместо да ги искористат коморите за да видат на кој пазар може да го понудат производството и како полесно да го освојат, тие нив ги користат како места за влијание и за притисок врз владата за да добијат некои повластувања, во вид на намалување на некоја царинска стапка, финансиска помош или суперевтини кредити. Постојано очекуваат државата да им понуди нешто наместо да работат комерцијално. Да беше така, тогаш немаше потреба да го напуштаме старото социјалистичко општество. Државата и понатаму ќе ги менаџираше сите компании, ќе бараше нови пазари, ќе се грижеше за вработените.
Kаде е излезот од ваквата ситуација?
- Најважно е сопствениците на компаниите да практикуваат бизнис-размислување. Да ги тргнат настрана сите оние работи што влијаат на пазарно однесување и мислат на кој начин ќе остварат профит. Тоа значи да се ослободат од сите оние кумовски, роднински или партиски врски во фазата на избирање на вработени и на најблиските соработници. За жал, с` уште голем број македонски компании на овие принципи ги базираат политиките на вработување и на избор на кадри за раководни функции. Штом на ваков начин се избираат менаџерите, не може да се очекува компаниите да функционираат на пазарен принцип. Затоа често се случува, на пример, при изборот на набавувачи или маркетинг-агенција, фирмите тоа да го прават за да задоволат некакви ситни интереси. Не се избира најдобриот кандидат, туку оној кој е по нивна волја поради некаква лична врска или за да се задоволи некој друг интерес.
Што е главен услов за успешно освојување на странските пазари?
- Најдобар пример за тоа како треба да се води компанија и модел за пазарно општество се Соединетите Американски Држави, каде што во еден момент сте на врвот, а потоа може да сте на дното. Тоа покажува дека компаниите мора да го следат пазарот и да ги слушаат потрошувачите. Македонските компании мора да ја променат свеста и да размислуваат пазарно ако сакаат да остварат поголемо присуство на странските пазари. Kога креираат некој производ или услуга, треба да се водат од желбите и потребите на потрошувачите, а не да создадат нешто, па потоа ќе бараат на кого ќе му треба тоа. Често слушаме како се жалат домашните компании дека никој не им го купува производот, дека им е тешко да влезат на нов пазар. Но, дали тие го применуваат пазарниот принцип на работа. Kога таргетираш некој пазар, мора да се знаеш што сакаат тамошните потрошувачи и со каква конкуренција ќе се соочиш, што тие нудат, а што ти ќе понудиш. Нашите фирми не сакаат да ги спроведат пазарните стандарди, имаат отпор кон сите деловните новитети. Тоа потрошувачите го гледаат.
Марјан Блажевски
Маркетингот запоставен
Дали нашите компании му даваат доволно значење на маркетингот?
- Многу малку од нашите компании инвестираат во истражување и развој и во маркетинг. Не можам да кажам дека имаме компанија која е значаен играч на регионалниот пазар, а да не зборуваме за Европа. За жал, с` повеќе се намалува нивниот удел и на домашниот пазар, а не пак на регионалниот. Влезете во кој било супермаркет во Бугарија или во Албанија и проверете колку има македонски производи на рафтовите. И ако ги има, на која полица се ставени, како се позиционирани. Значи, сакаме да ги освоиме тие пазари, но инвестицијата во нивно освојување е голема. А нашите фирми велат дека е добро и ова малку што го добиваме оттука, немаме пари да трошиме за реклама. Маркетингот с` уште се разбира како трошок, а не како инвестиција. Затоа не сме присутни на регионалните пазари, а да не одиме подалеку во западноевропските земји каде што стандардите за настап на пазарот се многу повисоки.
СИНИША ПЕKЕВСKИ, KОНСУЛТАНТ ЗА ПРЕТПРИЕМАШТВО