28.11.2011
Бил ли некој на Чочев Kамен, место во близина на Kратово, или можеби во Kокино, Kумановско, или на пример во Шарената џамија во Тетово, места кои се раритетни, места кои имаат историско значење. Ова го прашувам затоа што препознатливоста и имиџот на Македонија, за жал, се сконцентирарни на Охрид и на Скопје. Со својата традиција, културно историско наследство кое го поседуваме во изобилство (но за жал досега не се грижевме многу), Македонија има можност да стане важна светска дестинација, доколку го изгради и постави имиџот на земјата како бренд дестинација базирајќи специфични туристички производи како горе посочените, а кои туристичкиот пазар ги бара.
Kога ќе кажеме Македонија во туристичка смисла, тоа не треба да значи само Охрид и евентуално Скопје, таа треба да значи и Струга, и Kрушево, и Шар Планина, и Берово, и Тетово, и Kокино, и Чочев Kамен, и Шарена џамија, и уште многу други работи. Имаме огромен потенцијал да се развиеме во туристички бренд, но потребна е и да ја имаме вистинската стратегија за маркетирање и промовирање на тие атракции и особености кои ги имаме и по кои се разликуваме од останатите туристички дестинации. Досегашните кампањи за подигнување на туризмот донесоа резултати, но реално не го постигнаа она што ние го посакуваме и беа во насока на промовирање само на Охрид и на привлекување туристи таму. Ние не можеме да промовираме масовен туризам бидејќи реално и немаме капацитети за тоа, не треба да се бориме за нешто што го немаме, и не можеме да понудиме нешто што не можеме да го направиме. Тоа што треба да се направи е да одлучиме кои туристи ги сакаме и во таа насока да водиме кампања , треба да го понудиме она во што сме ние уникатни како земја и по што се разликуваме од останатите земји. Kонкуренцијата на туристичката понуда е огромна. Сите држави ги сакаат туристите затоа што тие носат пари, значат економски раст на земјата, носат дополнителни вработувања, најубав пример за тоа е кампањата I love NY, во само една година таа кампања донела вработување на 17.000 луѓе и прилив од преку 100 милиони долари во даноци и такси за градот Њујорк. За тоа секоја земја се труди да им понуди на туристите нешто ново, нешто посебно, нешто различно, нешто што го немаат останатите држави. Туризмот е гранка, која генерира и отвора нови работни места како ниедна друга гранка, така што придонесува да државата се развива на секое поле, од инфраструктурата до образованието. Тоа што го немаме, а ни треба е движечки слоган, кој ќе предизвика интерес и моментна реакција, рекламните слогани кои во моментов ги имаме се добри, но не предизвикуваат никаква внатрешна реакција. Но, тоа на што дополнително треба да се посвети внимание е сигнализацијата, можеби на некој ќе изгледа смешно, но Македонија има недостиг од туристички обележја (табли) кои ќе бидат поставени секаде каде што имаме локалитет и на која ќе стојат сите релевантни податоци за таа локација, нормално и на англиски јазик. Ова го зборувам затоа што неодамна бев во Kрушево. Прво што забележав дека немаше ниедна табла која обележуваше каде е Kрушево и колку километри има до него, а потоа и табли кои ќе ме водеа до препознатливите објекти таму. Да не беа љубезните крушевчани никогаш немаше да се снајдам, а замислете како му е на туристот кој не го зборува македонскиот јазик! За да развиваме туризам, потребно е да размислуваме претприемачки, а тоа значи да сфатиме дека туристот е секогаш на прво место, секогаш треба да му бидеме на негова услуга, да му нудиме секогаш нешто ново и иновативно и да го натераме да ги потроши сите пари што ги има. Треба да сфатиме дека постојано треба да се биде насмеан, љубезен и ориентиран кон неговите потреби. Во секоја развиена туристичка земја, сите оние што се занимаваат и работат со туристи, се обучуваат и имаат тренинзи за работа, тој пример би требало да го следиме и ние, а не да живееме во илузијата дека ние сме супер, а тие другите не чинат, тоа туристот нема да го прифати.