Долго време се мислам како да ја почнам мојава колумна, и како најубаво преку овој мој став да кажам и пренесам нешто, а да не бидам сватен од јавноста, еве уште еден се прави паметен па раскажува за туризамот, доста ни е од критичари и од луѓе со негативен став. Но, за жал тоа е вистината, јас многу би сакал да пишувам сега за позитивното искуство и да напишам за мојата чудесна земја како туристички рај, но реалноста ме враќа назад.
Медиумите брујат и информираат дека сезоната пропаѓа, дека еве уште една пропадната сезона, дека наместо таа да биде продолжена и да трае 3 месеци, таа се сведува на помалку од 20 дена во годината, стартува на 25 јули завршува на 10 август, за жал.
Ќе се обидам преку преку конструктивна критика да предложам или барем укажам за она што треба да се направи, доколку навистина сакаме да бидеме топ туристичка дестинација во иднината.
Кога би ги прашале туристичките работници во Охрид, Струга, Дојран и итн и оние што се грижат за развој на туризмот, зошто и оваа сезона пропаѓа, зошто се помалку туристи има кои ги посетуваат овие наши дестинации, како од пушка ќе ви одговорат дека Скопјани не го сакаат Охрид, дека владата не им помага, дека е голема економска криза, дека времето оваа година не се погоди, дека македонците се предавници и не сакаат своите пари да ги потрошат тука, туку во Грција и итн итн, и во ниеден одговор нема да видите дека можеби вината лежи во нив, во нивната анемичност, нивната неангажираност, нивната непретприемничивост, нивната неинвентивност и сл. Во ниеден момент нема да ви кажат дека они се виновни, и дека веќе уште од вчера размислуваат и се спремаат грешките кои се направени да се поправат и веќе следната сезона да биде многу подобра. Пак ќе кажам, нема да критикувам и да ликувам за ова, заради тоа што ако они се неуспешни и јас сум неуспешен, ако тие не заработиле пари, и јас нема да заработам пари, ако тие се жалат и јас ке се жалам, итн.
Првата работа која треба да ја направиме е конечно треба да се освестиме и да почнеме да размислуваме малку бизнис, да не летаме у облаци и да очекуваме дека само богати туристи ќе ни доаѓаат и ке оставаат баснословни пари, а при тоа нема да бидат гласни, ќе бидат културни, рано ќе си легнуваат, нема да извољеваат и бараат нереални работи, туку ќе се задоволат со она што им го нудиме. Треба еднаш за одлучиме кои туристи ги сакаме, сакаме странци или домашни гости, сакаме млади или возрасни луѓе, сакаме богати или средна класа и согласно тоа да ја креираме нашата стратегија, не може да сакате млади луѓе, а да ви смета галамата и вревата која ја прават, не може да сакате гости кои се богати, а да немате хотел со 5 звезди и вработени кои говорат само еден јазик, македонски, така не се тера туризам.
Втората работа, кампања за привлекување гости и промовирање на туризмот. Треба да се сфати дека рекламна кампања не се води во мај и јуни, туку таа започнува многу порано во есен или во зима, и таа треба да биде континуирана, а не ад хок. Туристите своите аранжмани ги прават многу порано, а не одлучуваат каде ќе одат на одмор во последните 5 минути. И поврзано со таа рекламана кампања, можеби ќе звучи банално, ама таа кампања мора да има слоган соодветен за оние гости што ги сакаме. Она што го немаме, а што очајно ни треба е движечки слоган, кој ќе предизвика интерес и моментална реакција. Не може со стари излитени фрази да очекуваме резултати.
И третата работа, еднаш засекогаш треба да сватиме дека море и езеро не може да биде никогаш исто, соодветно на тоа мора нашите цени да ги прилагодиме за условите кои ги имаме, не може да цените во Македонија да бидат двојно поголеми од Грција или Бугарија, не може да наплаќаме нешто скапо, а тоа не вреди. Во Грција ке спиеш 30 евра 7 дена, а во Македонија само ке останеш 3-4 дена. Малку треба да бидмее реални во тој поглед, видовме дека локал патриотизмот не проаѓа, дај малку да се свртиме и размислуваме трезвено и бизнис.
Малку за туризмот и штој тој значи, градот Њујорк од град со најголема стапка на криминал во Америка, стана туристички бренд, неговата кампањта “I love NY“ во 2005 годиона донела дополнителни вработувања од 17 000 луѓе и преку 100 милиони долари во даноци и такси за градот Њујорк.
И за крај една урбана легенда, не знам дали е вистина, ама мислам дека го одразува нашиот менталитет. Келнер им носи топло пиво на туристи, а тие зачудени го прашуваат, добро немаше ли ладно? Келнерот, помалку изнервиран од прашањето, одговара: логика луѓе, логика, да имаше ладно ќе ви донесев ли тополо!?
Пишува Синиша Пекевски
Консултант во SI comunication