Нашите бизнисмени се плашат да вложуваат дома

 

 

Нова Македонија, 03. 10. 2012

Нашите бизнисмени се плашат да вложуваат дома

Во дебатата дали домашните и странските инвеститори имаат ист третман никој не споменува колкави се домашните гринфилд-инвестиции. Ретките успешни приказни во металургијата, земјоделството, преработувачката и ИТ-индустријата, за жал, не успеваат да ја подобрат целосната слика на ригидност кај домашните инвеститори и кај банките, кои очигледно не се подготвени или немаат доволно знаење да реализираат бизнис-проект што ќе донесе висококвалитетно производство достојно за меѓународните пазари.

 

 

МАКЕДОНИЈА ИНВЕСТИРАЛА 85 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ

Во изминативе 15 години македонските инвестиции во странство се искачија на околу 85 милиони евра, од кои најголем дел биле пласирани во Србија, Русија, Бугарија, Грција, Хрватска, Словенија, БиХ и други земји од регионот, но помали суми се инвестирани и во земји како Германија, Кина, Обединетите Арапски Емирати. Најголем дел од овие пари бил пласиран во производство и во услуги. Со оглед на тоа што станува збор за период од 15 години јасно е дека македонските инвестиции во странство се мали и незначителни. Истовремено, директните странски инвестиции во земјава во периодот 1997-2011 година достигнаа над 3,6 милијарди евра. Тоа што изненадува е што во постојната дебата дали домашните и странските инвеститори имаат ист третман во земјава никој не споменува колкави се домашните гринфилд-инвестиции во изминатиов период од пет или шест години, а особено оние во кои се инвестира во погони со нова пософистицирана технологија, која би донела квалитетно производство конкурентно на меѓународните пазари.

Ретките успешни инвеститориски приказни, пред сѐ во металургијата, земјоделството, преработувачката и во ИТ-индустријата, за жал, не успеваат да ја подобрат целосната слика на ригидност кај домашните инвеститори и кај банките, кои очигледно не се подготвени или немаат доволно знаење да реализираат бизнис-проект што ќе донесе висококвалитетно производство достојно за меѓународните пазари. 

Инвеститорите се плашливи

Според Синиша Пекевски, експерт за претприемаштво, повеќето македонски бизнисмени не инвестираат бидејќи се плашливи и се задоволуваат со трошките што ги носи бизнисот. 

- Тие не се подготвени да освојуваат нови пазари бидејќи за нив тоа е трошење пари. Оттука и не можат да очекуваат повеќе ефекти од својот бизнис. Од друга страна, државата прави сѐ за да ги охрабри да вложат во својата земја, од намалени даноци до секакви други поволности и поддршка. Нашите потенцијални инвеститори немаат квалитетни проекти со кои би реагирале на терен, а верувам дека барем Владата би поддржала такви проекти, кои, за жал, засега ги нема - вели Пекевски.

Тој додава дека новиот бран македонски инвеститори го гледаат во младите луѓе од 25 до 40 години.
- Тие можеби немаат капитал, но сепак имаат добри идеи и поради тоа инвестираат во ИТ-индустријата, која во почетокот не бара многу вложувања - вели Пекевски. 

Различен аршин 

Бербери Феркан, претседател на туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, вели дека во Македонија е добро да се инвестира бидејќи последниве години многу се намалија даноците, туристичката такса, комуналната такса, а се олеснија и процедурите за добивање дозволи. 

- Тоа е за пофалба. Од друга страна, морам да кажам дека во државава нема ист третман на домашните и на странските инвеститори. Иако законите се исти за сите, сепак, кога ќе дојде до реализација на одредена инвестиција третманот е различен кај државните и општинските служби кога е во прашање домашен инвеститор. Како домашен, вие сте второкласен во однос на странецот и, на пример, ако странецот чека некаков одговор од некоја служба, тој го добива за пет дена, а домашниот за десет, па и повеќе. Ова мора да се промени ако сакаме да се охрабрат домашните бизнисмени повеќе да инвестираат - вели Феркан.

Нема сериозен проект од домашните инвеститори 

Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и поранешен директор на Агенцијата за странски инвестиции, вели дека во регулативата никаде не пишува дека само странци може да инвестираат и да добијат државна помош за гринфилд-инвестиции во слободните зони.



- Во изминативе пет или шест години, додека ја водев Агенцијата за странски инвестиции, и сега кога ја водам дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони јас не сум добил целосен бизнис-проект од домашен инвеститор по теркот на бизнис-плановите што ги поднесоа странските компании што веќе успешно работат во зоните - вели Мизо.Тој додава дека регулативата не ги дели инвеститорите на странски и на домашни и дека најдобар пример за тоа е што сите, условно кажано, странски компании како „Џонсон Мети“ или „Џонсон контролс“ имаат регистрирано свои локални фирми во земјава преку кои ги реализираат инвестициите. 


- Единствено што бара регулативата е во зоните да се инвестира во производство со пософистицирана технологија, со што би се обезбедила повисока додадена вредност и би се произведувале производи наменети за извоз. Прописите не дозволуваат префрлање на дејноста и производство наменето за домашниот пазар, бидејќи на тој начин би имало нарушување на конкуренцијата, со оглед на тоа што одредени домашни компании би добивале државна помош, а другите не - вели Мизо. 

Кризата не треба да ги плаши инвеститорите

Според Јован Дабески, прв човек на „Здравје Радово“, Македонија е одлична дестинација за водење бизнис. 

- Моите визии за Македонија и македонскиот народ се оптимистички и токму поради тоа одлучив да инвестирам тука. Сите закони, поволности, мали даноци одат во прилог на оваа држава и на бизнисмените, бидејќи дефинитивно сме добра локација за водење бизнис. Ако странците гледаат добра можност за инвестирање кај нас, нема зошто тоа да не го видат и искористат домашните бизнисмени. 
Предноста да се инвестира во своја земја е и поради полесна и побрза препознатливост кај народот, како и полесна препознатливост на пазарот од страна на инвеститорите. Единствено нешто што можеби оди контра оваа приказна е кризата што ги плаши инвеститорите да ги вложуваат своите пари, но јас би рекол, од кризата не треба да се плашиме туку треба да се бориме со неа. Еден од начините на борба е со инвестиции и со работа. Иако јас инвестирав во секторот храна, тоа не значи дека само тој сектор го препорачувам. Велам дека ние сме земјоделска земја и производството на храна ќе биде носечка гранка, но секој треба да инвестира во она во што е професионалец и во што има знаење и вештини за да даде најдобри резултати - вели Дабески.


Младите повеќе сакаат во администрација отколку свој бизнис

Истражувањето на невладината организација „Реактор“ спроведено годинава покажува дека младите во земјава повеќе сакаат да работат во државна администрација отколку да имаат сопствен бизнис. Имено, анкетата спроведена на примерок од 1.204 испитаници покажала дека 31,6 отсто од нив би сакале да работат во државната администрација, односно во јавниот сектор, а 29,9 отсто би сакале да имаат сопствен бизнис. 
Дека младите не се којзнае колку заинтересирани за почнување сопствен бизнис покажува и слабиот одѕив на повикот на Министерството за економија за доделување средства преку програмата за поддршка на претприемаштвото. Имено, министерот за економија Ваљон Сарачини неодамна соопшти дека за оваа програма биле одвоени околу 430.000 денари, но на повикот биле пријавени само пет проекти, од кои два имале успешна реализација на бизнис-плановите. Тој тогаш апелира младите да аплицираат со претприемачки проекти и да ги искористат финансиите од надлежните институции за да почнат свој бизнис.
- Моментно мал е бројот на младите што доставуваат проекти за почнување бизнис и треба да се работи на издигање на свеста да аплицираат и да ги остварат своите бизнис-идеи. Проблемот е во тоа што денес голем број од младите луѓе по дипломирањето многу ретко размислуваат за отворање сопствен бизнис и многу од нив се задоволуваат со какво било работно место, поради што во последно време немаме толку квалитетни проекти. Доколку седнете со некои од младите, од нив можете да слушнете многу идеи, но ретко кој од нив верува оти тие идеи може да прераснат во успешни бизниси. Мислат дека никој не може да ги поддржи - изјави Сарачини.
Според него, доколку во иднина имале повеќе апликации за оваа програма, тогаш Министерството за економија ќе има основа да побара од Владата зголемување на буџетот за поддршка на претприемаштвото.


Домашни бизнисмени го окупираа Жабени

Во индустриската зона Жабени, која опфаќа површина од 80 хектари, во изминатиот период се продадени 45 парцели, односно 26 инвеститори купиле земјиште. Тоа изнесува над 60 отсто од површината предвидена за изградба на фабрики. Од нив најголемиот број се домашни инвеститори. Меѓу многубројните домашни инвеститори се најголемиот земјоделски комбинат во државата ЗК „Пелагонија“, кој ќе гради нова млекарница, потоа познатиот битолски бизнисмен Мирко Велковски, инаку сопственик на фирмата „ИМБ Велковски“, кој има намера да гради фабрика за производство на екстракти за млечни шеќери, бившиот сопственик на „Идеал Шипка“ Спире Момирчевски, кој во зоната ќе гради фабрика за месопроизводство, потоа БК „Маркет“, кој ќе гради капацитет за сушено овошје и други.

Дејности во кои се пласирани инвестициите во странство

производство    43 милиони евра
услуги              38 милиони евра

 

 

 

Top
newkids; Give this card game a try and href="https://play.google.com/store/apps/details?id=com.fazimahbteds.blackjack" target="_blank">train yourself in BlackJack! If you В enjoy our black jack App you can also check Solitaire free game and Poker form Card Free Game.; Шкафы купе с пескоструемШкафы купе с пескоструем