sinisa pekevskifinalMnogoo.mk 21.01.2011

Целиот ден посветен на состаноци, а навечер опуштен со пријателите. Синиша Пекевски има дипломирано на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а постдипломски студии на Универзитетот „Браќа Кариќ“ во Белград. Овој млад човек се занимава со односи со јавност и ПР - професија што не е многу застапена во Македонија и меѓу македонските бизнисмени.

Што се односи со јавност и дали воопшто постојат во Македонија?

Постојат многу дефиниции за тоа што е ПР, но не сакам да звучам академски и да давам дефиниции како во учебник. Едноставно кажано, односите со јавноста се систем на двонасочна комуникација што создава подобри односи и доверба кај сите публики што влијаат на успехот на бизнисот, создава поголем успех на позиционирање на производите и услугите на пазарот и создава подобар имиџ на компанијата. Со добриот ПР се стекнуваат полојални потрошувачи, се добива подобра позиција на пазарот, има постабилен пазарен сегмент и подобро справување во кризни ситуации. Во Македонија ПР-от сè уште е на ниско ниво. Постојат неколку специјализирани ПР-агенции, но сметам дека сè тоа е премалку. Секоја компанија што сака успешно да работи на пазарот и да освојува нови пазари би требало да има свој ПР-сектор и да користи ПР-агенција за тоа, но реалност е сосем друга. Свесноста за тоа ја имаат само компаниите со странски капитал и оние компании чиишто менаџери се школувани во странство или се од помладата генерација. Тие ја знаат моќта и значењето од имање добар ПР.

Дали ПР се учи или, пак, е вродена карактеристика и кои се карактеристиките што треба да ги поседува секој ПР?

Сите ние, кога се раѓаме, се раѓаме со некакви таленти, но џабе е сè доколку талентот понатаму не го развиваме. Секоја работа бара континуирано и постојано едуцирање, образување, надополнување и стекнување со нови вештини, така и во односите со јавност. За да бидеш успешен во работата, најпрвин треба да бидеш професионален и професионално да си ја одработуваш работата. Во континуитет треба да вложуваш во себе, да бидеш комуникативен, љубезен, искрен и најмногу од сè да знаеш кога треба да зборуваш, а кога треба да молчиш. Ова се некои основни работи што треба да ги поседува секој вистински професионалец во ПР-от и најмногу од сè треба да биде достапен 24 часа во текот на денот, во оваа професија не можеме да се исклучиме да кажеме дека работиме од 9 до 17 часот.

Која е вашата сатисфакција и најголемиот успех?

Секој проект или секоја успешно завршена работа за мене претставува сатисфакција и успех. Не можам да речам дека овој или оној проект што сум го сработил е поуспешен или претставува поголема сатисфакција за мене. Во секоја работа се внесувам максимално и давам сè од себе да го сработам тоа најдобро што можам и онака како што сум се договорил со клиентот. За мене не постојат мали и големи клиенти, не постојат мали и големи задачи, постојат само успешни и неуспешни проекти. Затоа, и довербата што ми ја укажуваат клиентите е голема, бидејќи во секој проект се внесувам комплетно и се трудам работата да се завршам најдобро.

Која е крајната цел на секој ПР?

Односите со јавност се нешто што во континуитет треба да се работи, не постои нешто како крајна цел, на пример креирање на позитивна слика за компанијата во јавноста. Не можеме да кажеме дека кога ќе го постигнеме тоа ќе престанеме да работиме на одржување на таа слика во јавноста или оти нема повеќе простор таа слика уште повеќе да подобри. Кога веќе се говори за некоја цел, тоа е да се креираат и да се создадат одлични односи со сите јавности, вклучувајќи ја тука и надворешната јавност.

Колку е развиена ПР-индустријата во Македонија?

Според мое мислење, оваа индустрија во Македонија е на почеток и е малку развиена. Сè уште ПР-от се подразбира како некоја личност што пие кафе и се среќава со новинари по цел ден или како некој што работи како портпарол на некоја компанија или институција. ПР-от е многу повеќе од тоа и не опфаќа само пиење кафе со новинари или организирање на прес-конференции и брифинзи. Тоа е состав од повеќе работи што се работат, како за односите со медиумите, така и на односите со вработените, со соработниците, со клиентите, со добавувачите и сл. На сè тоа треба да се работи во континуитет и многу ми е жал што македонските бизнисмени сè уште не можат или не сакаат да ја сфатат потребата од имање ПР-сектор или вработен како ПР и не можат да ја сфатат потребата од имање добар ПР. Многу од нив мислат дека доволно е да најмиш некоја ПР-агенција и таа во рок од еден месец ќе го промени мислењето на јавноста и таа ќе има позитивно мислење за нив. Односите со јавност се нешто на што се работи континуирано и секојдневно, а придобивките од добри односи со јавноста се задоволни вработени, задоволни клиенти, задоволни соработници, добар имиџ во јавноста и на крај зголемен профит.

Медија

Ohrid.