sinisa pekevskifinalДневник, 15.02.2012

Процените се дека за мал бизнис се потребни минимум 2.500 евра, а за поголем бизнис или мало производство без стотина илјади евра не треба ниту да размислувате. Гаранции дека бизнисот ќе тргне нема никакви. Затоа, покрај низа способности, треба да научите и да ризикувате

Млад, перспективен, креативен, а невработен. Со оваа судбина се соочуваат многу граѓани во земјава кои се исправени пред дилемата како да ја насочат сопствената иднина. Владата нуди кредити за самовработување, а добра бизнис-идеја нема да ги остави рамнодушни ниту банките, кои треба да понудат кредитна поддршка. Затоа се обидовме да истражиме колку пари чини отворање бизнис во земјава. Анализите покажуваат дека без 2.500 до 3.000 евра во џеб за некое „гранапче“ нема ништо од бизнисот. Затоа, клучното прашање е колку пари имате на располагање за да ги вложите. Процените се дека за мал бизнис се потребни минимум 2.500 евра, а за поголем бизнис или за мало производство без стотина илјади евра не треба ниту да размислувате. Гаранции дека бизнисот ќе тргне нема никакви. Затоа, покрај низа способности, треба да знаете и да ризикувате.

Бизнис-инвестиции

од 2.500 до над 100.000 евра

Ако сте млад и перспективен бизнисмен и се наоѓате во дилема со кој бизнис да се зафатите, клучното прашање е колку пари сте подготвени да вложите. Стартот ќе ве чини од 2.500 евра за мал бизнис како фризерница или помал козметички салон. За околу 5.000 евра ќе може да отворите бутик за гардероба за деца или за возрасни. Ако имате повеќе од 10.000 евра и сте подготвени физички да работите, може да размислувате за подигнување оранжерија. За 20.000 до 50.000 евра може да отворите транспортна фирма, на пример, да купите комбиња за превоз на патници. Ако пак имате над 100.000 евра, веќе може да размислувате и за мини-фабрика, односно преработувачки капацитет во конзервната индустрија.

Експертите велат дека клучот за успех е добрата бизнис-идеја.

- С` зависи од тоа каков бизнис сакате да работите. Пример, за ИТ-сектор потребно е еден добар компјутер и голема креативност. Целата инвестиција се состои во еден добар компјутер, интернет, принтер, не треба ниту канцеларија. Таков бизнис може да се почне со околу 1.500 евра. Kога зборуваме, пак, за услужни дејности, на пример - козметичар, фризер, тие бизниси чинат околу 2.000 до 2.500 евра. Таа е почетна инвестиција со која може, да речеме, просечно добро да се опреми еден таков салон за почеток на бизнис. Други помали бизниси може да се отворат со 5.000 до 10.000 евра – вели Синиша Пекевски, консултант за претприемаштво.

Тој предупредува дека покрај овие средства мора да се има и резерва за не дај боже.

- Тука не смее да заборавиме уште еден битен момент, дека тој што планира да почне бизнис мора да обезбеди претходно и средства за нормално функционирање за минимум три месеци. Тука влегуваат плата, придонеси, режиски трошоци за да можат нормално да функционира и под услов да не влезе ниту еден муштерија. Другите бизниси, пак, бараат поголеми инвестиции – вели Пекевски.

Експертите коментираат дека вообичаено кај нас се отвораат мали бизниси кои во просек чинат 3 до 4.000 евра. Дури и од проектите за невработени, најголем дел се одлучуваат за такви мали бизниси, као столари, козметичари, фризери.

Мали пари, мал бизнис

За да отворите фирма основните трошоци се исти, без разлика на тоа што планирате да работите. Во зависност од тоа кој ќе ти ја направи регистрацијата, толку ќе ве чини. Ако с` сам си завршите цената е околу стотина евра. Ако пак немате време и ангажирате сметководител или адвокат, во зависност од тоа во кој град сте, за да станете газда подгответе се да платите од 7.500 до 12.000 денари.

- Фризерницава работи околу една година. Долго ми требаше да го направам првиот чекор. Повеќе од пет години работев за други. Не знаев колкави се трошоците да отворам сопствен дуќан. Зедов потрошувачки ненаменски кредит од 3.000 евра и купив речиси с` што ми требаше - вели Лени Василевска. Со парите ги купила сите потребни алатки, во меѓувреме склучила договор со козметичка куќа за набавка на потрошен материјал и бизнисот тргнал.

- Задоволна сум бидејќи речиси ги вратив вложените пари. Заработувачката не е голема, но се живее. Засега работам сама, но ако се зголемат потребите, сигурно ќе вработам уште некој - вели Василевска.

Со слична приказна е и Kирил. Тој е молер кој работел на „диво“ до неодамна. Фирма регистрирал бидејќи поголем дел од муштериите почнале да бараат сметка.

- Се регистрирав како трговец-поединец. Работам сам или наоѓам работници на кои им плаќам дневници. Ризичен бизнис е бидејќи се работи сезонски, а давачките течат секој месец. Летно време не можам да постигнам, но зиме нема работа - вели Kирил. Според него и фирмарината која се плаќа еднаш годишно, па дури и радиодифузната такса му се голем издаток ако нема работа.

И земјоделството е бизнис

Светозар е млад земјоделец кој со кредит направил оранжерија.

- Земјоделството е многу ризичен бизнис. Гледајќи ги климатските промени, тешко некој би одгледувал на отворено. Работев со години со татко ми бидејќи ние сме земјоделско семејство, но постојано имавме штети, некогаш од град, некогаш од суша. Оранжеријата бара вложување на почетокот, но се одгледува во затворени услови и ако имате пласман, полесно се опстојува на пазарот, барем нема штети од надворешни влијанија - вели Светозар.

Целата инвестиција го чинела околу 20.000 евра со системот за наводнување и затоплување, но одгледува неколку култури во текот на годината.

Предраг, пак, се одлучил за поголема инвестиција. Со парите што ги дава државата за рурален развој и со кредит од една од комерцијалните банки направил мал погон за конзервирање сезонско овошје и зеленчук.

- Правиме компоти, слатка, корнишони. Засега оди добро, но пласманот е проблем. Работиме за извоз, но нарачките се мали. Сепак, генерално сме задоволни - вели Предраг.

Поевтино е да се отвори нова фирма отколку да се затвори постојна

 Во Централниот регистар велат дека давачките за затворање на стара фирма се многу повисоки само ако фирмата има заостанати долгови.

- Не е точно дека е поевтино да се отвори нова фирма отколку да се затвори постојна бидејќи отворањето на нова фирма шалтерски чини 2.399 денари, а електронски 2.244 денари. За идните претприемачи кои се студенти цената е намалена за 50 отсто и сега е 1.199 денари. Затворањето на фирмата чини само педесетина евра, што значи дека не е ништо поскапо. Тука проблем се давачките што се заостанати како придонеси, неплатени долгови кон доверители. Затоа, ако се собере целата сума што ја должи фирмата излегува дека е многу поскапо да се затвори фирма отколку да се отвори - велат во Централниот регистар.

Kредити за самовработување

Невработените лица ќе може да аплицираат за кредити за почнување на сопствен бизнис. Барања ќе може да поднесат сите кои сакаат да основаат фирма од областа на земјоделството, преработувачката индустрија, градежништвото, трговијата и услужните дејности. Агенцијата ќе дава кредити од 3.000 евра за секое ново работно место во фирми од помал обем, односно 5.000 евра за кредитобарател кој ќе отвори поголема компанија, плус 3.000 евра по вработен.

- Рокот за враќање на кредитот е три години за кредити до 9.000 евра, односно пет години за кредити над 9.000 евра, каматната стапка е 1 отсто, а грејс-периодот е една година - велат во Владата.

За кредитите ќе може да аплицираат лица кои се невработени повеќе од три години, кои ќе добијат помош во изработка на бизнис-плановите. За отворање на околу 500 бизниси ќе се издвојат 2,5 милиона евра. Проектот за кредитирање на невработените се спроведува од 2008 година, а 80 отсто од почнатите бизниси с` уште успешно работат. Преку оваа мерка досега се формирале над 3.600 компании, се поддржале над 4 илјади нови вработувања, за што се потрошени 12 милиони евра.

Media

Ohrid.